Фудбалерите на Интер славеа со 2:0 против Милан во првата полуфинална пресметка во Лигата на шампионите и направија голем исчекор кон пласманот во големото финале, кое би било прво по 2010 година, кога и ја освоија титулата.
Ова беше трет меч меѓу Интер и Милан во 2023 година и во сите три славеа Нераѕурите и притоа не примија ниту еден гол, а вечерашниот триумф е најважен досега. Интер претходно годинава го зеде скалпот на Милан во финалето на италијанскиот Суперкуп кога славеше со 3:0, а потоа победи со 1:0 во рамките на Серија А.
Вечерва Нераѕурите победата ја обезбедија во првите 11 минути од мечот.
Во осмата минута, по изведениот корнер на Хакан Чалханоглу, најдобро во шеснаесетникот на Милан се снајде Един Џеко, кој од пет метри немаше проблем да го совлада Мањан. Голот на Џеко може да го погледнете ТУКА.
Само три минути подоцна, Хенрик Мхитарјан зголеми на 2:0. Голот на Мхитарјан може да го видите на следниот ЛИНК.
Нераѕурите можеа да остварат поубедлив триумф, но шутот на Чалханоглу во 16-тата минута заврши во пречката. Во 30-тата минута судијата Хесус Манцано прво досуди пенал за Интер, но по консултација со ВАР-собата и по прегледување на спорниот момент, одлучи дека Лаутаро Мартинес се обидел да изнуди прекршок и го поништи претходно досудениот пенал.
Во вториот дел, Нераѕурите му ја препуштија контролата на топката на противникот, кој најдобрата шанса ја имаше во 63-тата минута, кога Сандро Тонали ја погоди стативата.