Бруно Фернандес од Спортинг Лисабон дефинитивно ќе биде првото засилување на Манчестер јунајтед во овој преоден рок. Англиските медиуми веќе ги обелоденија речиси сите детали околу ангажманот и останува двата клуба да се договорат околу сумата, која најверојатно ќе изнесува 65 милиони фунти.
Лисабонските Лавови убаво ќе се опарат, но и Фернандес го чека богат договор на „Олд Трафорд“, нормално откако ќе го потпише. Понудата е шест милиони фунти по сезона во наредните пет години.
Оле Гунар Солскјер и во изминатиот летен преоден рок се обидуваше да ги добие услугите на одличниот играч за врска, меѓутоа Јунајтед доста се потроши со ангажманот на Хери Мегвајер.
Инаку, Бруно е играч за врска каков што Ѓаволите одамна немале во своите редови. Голгетер, организатор на игра, прецизност во додавања и одличен изведувач на прекини. Капитенот на Спортинг само аутите не ги изведува, останатите прекини се негова одговорност, а во 133 настапи за нив постигна 61 гол, додека намести уште 51.