Жоан Лапорта и Виктор Фонт ќе бидат единствените двајца кандидати кои ќе се борат за претседател на Барселона на изборите на 15-ти март.
Само тие двајца кандидати го надминале потребниот број од 2.337 потписи и официјално се прогласени за кандидати од страна на Изборниот одбор. Поранешниот претседател на Барселона поднесе 8.170 потписи во понеделник, од кои 7.226 беа валидни. Фонт поднесе вкупно 5.144 потписи, меѓу кои и тој на Чави, од кои 4.440 беа одобрени.
Марк Сирија имаше амбиција да учествува во трката, но за малку не успеа да ги обезбеди потребните валидни потписи за да се кандидира. Тој поднесе 2.844 потписи, но избирачкиот одбор беше педантен во проверката на валидноста на информациите на секое гласачко ливче, кое мораше да го вклучува бројот на членството и лозинката, како и потписот и фотокопија од важечка лична карта, а на крајот клубот не ги одобри сите гласачки ливчиња, туку само 2.247 беа потврдени, што е за 90 помалку од прагот.
Лапорта и Фонт утре ќе ги започнат своите кампањи, кои ќе траат до 13-ти март, два дена пред изборите. Фонт се надеваше дека изборите ќе бидат референдум против Лапорта, но анкетите велат дека Лапорта ќе остане претседател.

