Иван Ракитиќ само за неколку месеци од незаменлив, стана вишок во редовите на Барселона. Отпишаниот играч за врска се чувствува изневерено од страна на раководството, но пред сè од тренерот Валверде, кој само пред една година тврдеше дека Ракитиќ е незаменлив во неговата стратегија.
По одличниот настап на Мундијалот во Русија, на којшто Ракитиќ со Коцкастите стана светски вицепрвак, Валверде забрани каква било продажба, па Барса, но и самиот Ракитиќ одбија богатство од ПСЖ. Се шпекулираше дека шпанскиот првак ќе му понуди договор на хрватскиот играч за врска до крајот на неговата кариера, но работите се сменија во текот на изминатото лето.
Барса од претходно го договори Френки де Јонг за 75 милиони евра, па Ракитиќ автоматски го загуби местото во стартните 11. Поради неостварените ветувања, Ракитиќ одлучи дека е време да се збогува со „Камп ноу“, па уште во јануари ќе бара нова дестинација каде што ќе ја продолжи кариерата, а Манчестер јунајтед и Јувентус чекаат на готовс. Ракитиќ има уште две и пол години од договорот со Каталонците, но со оглед на фактот дека и двете страни се сложни за продажба, Барса нема да бара висока отштета.
Барселона го доведе одличниот играч за врска во 2014 година за 18 милиони евра од редовите на Севилја. Ракитиќ во меѓувреме во четири наврати ги освои Ла Лига и Кралскиот куп, како и Лигата на шампионите и титулата од Светското клупско првенство.