Плејмејкерот на Барселона, Иван Ракитиќ, во јануарскиот преоден рок би можел да го засили Интер, најавуваат хрватските медиуми.
За време на престојот во родната земја, Ракитиќ кажа дека и тој самиот не ја знае причината за неповолниот статус кој го има во клубот.
„И јас би сакал да знам што е причината за мојата ситуација во Барселона. Во фудбалот се случуваат работи кои не може да ги разбереме, но мора да ги почитуваме. Непријатно ми е, и тешко. Се навикнав да играм, секогаш давам максимум за екипата, сите го гледаат тоа, а сега тоа малку се смени. Искрен сум и чесен. Криво ми е. Одвај чекам да се вратам на терен. Не потпишав за Барселона за да шетам по плажи. Ако видам дека ништо не може да се промени, ќе седнеме и ќе разговараме“ – кажа Ракитиќ во Сплит.
Интерес за „Ракетата“ има кај Манчестер јунајтед, но на пол-позиција е Интер, кој веќе го врбувал Хрватот. Интер сака да ја прекине доминацијата на Јувентус во Серија А, и со засилување како Иван би можеле да ја исполнат мисијата.
Отштетата која клубот од Милано би ја платил е 55 милиони евра. Договорот на Ракитиќ со каталонците е до летото 2021 година, но се чини дека после пет години престој, тој ќе си оди, и битката за места во тимот ќе им ја остави на Де Јонг, Артур, Видал и Бускетс.