На селекторот рекордер му се подготвува реприза и може да добие отказ пред Мундијалот во Катар

Вахид Халилхоџиќ е во незгодна ситуација и може да му се случи реприза и да не биде селектор на Мароко на Мундијалот во Катар во номеври и декември оваа година.

Популарниот Ваха е рекордер и единствен кој успеа да одведе дури 4 различни репрезентации на Светски првенства преку квалификации и бараж, а тоа се Брегот на Слоновата Коска, Алжир, Јапонија и сега Мароко, сите во циклус од последните 12 години.

И само со една од нив, со Алжир беше како селектор и на Мундијалот во 2014 година, кога во осминафиналето испадна во продолженија против Германија, која потоа стана светски првак.

Претходно во 2010 година успеа со Брегот на Слоновата Коска да се пласира на Светското првенство, но поради неуспехот на АФКОН непосредно пред Мундијалот, доби отказ.

Слично му се случи и со Јапонија на претходното Светско првенство во Русија 2018 година, кога поради кавга со челниците на Федерацијата, беше сменет од кормилото.

И сега му се заканува слично сценарио, иако успеа да го одведе Мароко преку бараж до Катар.

Проблем за Халилхоџиќ е што ги елиминира големите марокански фудбалски ѕвезди, ЗијеХ, Мазрауи и уште неколку познати играчи поради недисциплина.

Навивачите на Мароко бараат ѕвездите да играат на Мундијалот, па макар и по цена Халилхоџиќ да добие отказ.

Засега Ваха ја има поддршката од Мароканската фудбалска федерација, но притисокот од јавноста е сè поголем.

„Никој не е незаменлив, а јасно е дека имаме проблем со неиграњето на неколку важни играчи. Засега Халилхоџиќ ја има нашата поддршка, но тоа не значи дека работите не можат да се сменат. Се надевам дека ќе има компромис и дека Зијех, Мазрауи, Хамдалах и уште неколку играчи ќе бидат во составот за Катар“, изјави претседателот на Мароканската федерација, Фузи Лекја.

Мароко е во Ф групата со Белгија, Хрватска и Канада во првата фаза на Светското првенство во Катар.

 

- Оглас -

Најнови вести