Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, со својот нов клуб ЕВЕ баскетс Олденбург, на фантастичен начин ја започна сезоната во германското првенство.
Олденбург како гостин го растури Брауншвајг со 100:64. По првата четвртина беше нерешено, а потоа „жолто-црните“ од Олденбург беа доминантни. Придонесот на Стојановски на своето официјално деби беше 14 поени, три скока, три асистенции и две освоени топки за 24 ипол минути. Војдан даде две тројки од четири обиди, погоди четири од петте шутеви за двојка и беше четврти стрелец во редовите на Олденбург.
Во унгарската лига, Бојан Трајковски со својот нов клуб Атомерому Пакс, претрпе минимален пораз. „Атомите“ на гости загубија од Јасберењи со 90:91. Тимот на Трајковски ја доби третата четвртина со 29-17, но ги загуби другите три квартали, и на крај беше тесно поразен.
Македонскиот репрезентативец постигна 7 поени (0/2 за тројка, 3/8 за двојка, 1/1 за еден поен), и беше шести стрелец во својата екипа, а имаше и два скока, за нешто повеќе од 22 ипол минути игра.