Надал само на моменти потсети каков тенисер беше некогаш: Ѓоковиќ го победи најголемиот ривал на ЛОИ во Париз

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го победи својот можеби најголем ривал низ годините, Рафаел Надал, триумфирајќи со 2:0 во сетови (6:1, 6:4) во второто коло од ЛОИ во Париз. Првиот носител на тенискиот турнир на Олимписките игри доминираше во секој поглед во првиот сет, но затоа Рафа Надал потсети каков тенисер беше некогаш во одредени моменти од вториот сет.

Ѓоковиќ го доби експресно првиот сет со 6:1, а водеше со 4:0 во гемови и во вториот. Но, потоа Надал се врати и израмни на 4:4. Сепак, на крајот со два гема во серија Србинот дојде до 6:4 и го комплетираше триумфот, пласирајќи се во третата рунда од олимпискиот турнир.

Ова можеби ќе биде нивниот последен меч во кариерата. Надал, кој рекордни 14 пати славел на земјата на Ролан Гарос, по Игрите најави можност за крај на тениската кариера, а во последните неколку мечеви покажа дека е далеку од формата која го красеше додека беше најдобар играч во светот.

Новак Ѓоковиќ ја оствари 31-та победа против Надал, додека Шпанецот има 29 триумфи против Србинот.

Последните два нивни дуели се случија токму на Ролан Гарос, во 2021 година во полуфиналето беше подобар Ѓоковиќ, додека во 2022 година во четвртфиналето славеше Надал.


На Ролан Гарос се сретнаа вкупно десет пати, а Надал води со 8:2 во победи. Еднаш се сретнаа и на Олимписките игри, и тоа пред 16 години во Пекинг кога Надал беше подобар во полуфиналето на патот кон своето единствено злато во поединечна конкуренција.

Ѓоковиќ и Надал заедно имаат дури 46 титули во поединечна конкуренција на гренслем турнирите: Ѓоковиќ 24, а Надал 22.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести