Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, зборуваше по победата од 2:1 над Алавес на „Сантијаго Бернабеу“. Тој се обиде да го одбрани и бразилскиот напаѓач Винисиус, кој беше исвиркан од навивачите.
„Доминиравме во првото полувреме. Требаше да постигнеме повеќе голови и да го решиме натпреварот, а не да му дозволиме на противникот да се врати во игра“, започна Арбелоа.
Предводникот на Кралевите ги коментираше и свирежите од трибините, насочени кон Винисиус.
„Не е првпат Винисиус да се соочи со ваков однос, но тој е вистински мадридиста кој ги сака клубот и овој грб. Многу ми е драго што навивачите го наградија со аплаузи. Не мислам дека свирежите беа масовни, дека целиот ‘Бернабеу’ го исвиркувал или дека тоа било постојано. Такви работи понекогаш се случуваат, и јас сум поминал низ нешто слично. Вини одигра многу добар натпревар.“
„По натпреварот со Баерн Минхен, разговаравме и решивме дека мора да ги добиеме преостанатите седум натпревари. Тоа е нашата цел. Една победа веќе имаме, остануваат уште шест“, заврши тренерот на Реал.

