Македонските надежи го нанижаа шестиот пораз во низа во квалификациската група 7 за Европското првенство 2019 за играчи до 21 година. По поразот од Србија во Скопје со 0-2, нашата селекција загуби од северниот сосед и на нивен терен со резултат од 2-1.
Србија стигна до првото водство во 28-та минута, откако Иван Шапоњиќ реализираше пенал кој го направи нашиот дефанзивец Алекса Амановиќ. Израмнувачкиот гол го постигна Тихомир Костадинов во 64-тата минута, но составот на Добринко Илиевски не успеа да го издржи притисокот и да стигне до драгоцен бод. Членот на белградски Партизан, Данило Пантиќ го реши мечот во 80-тата минута, поставувајќи ги конечните 2-1.
Македонија по седум одиграни средби во овој квалификациски циклус се наоѓа на последното место на табелата, со само три бода, односно еден триумф и шест порази.