Најавени тимови: Реал ќе се брани со тројца, Жота добива шанса пред Фирмино

Реал Мадрид против Ливерпул е дуелот на кој најмногу ќе се посвети внимание иако Манчестер сити и Дортмунд во ист термин ќе се докажуваат кој е подобар на „Етихад“.

Дербито во Мадрид на помошниот стадион „Алфредо Ди Стефано“ ги враќа спомените од финалето кое се одигра пред три години, за кое Црвените чекаа шанса да се реваншираат за поразот од 1-3.

Зидан го загуби капитенот Рамос за овој дуел со надеж дека ќе се врати во тимот за возвратниот меч на „Енфилд“ седум дена подоцна. Затоа, францускиот стратег со тројката Варан, Начо и Менди ќе го брани голот на Куртоа, а се очекува Марсело да добие поофанзивна улога како во победата над Ејбар.

Асенсио повторно ќе му биде партнер на Бензема во нападот, со Васкес како поддршка од крилната позиција, додека во средината ќе командуваат искусните Модриќ, Крос и Каземиро.

Клоп нема многу опции да ги покрие местата на Ван Дајк и Матип, па во оган ќе ги фрли неискусните Кабак и Филипс. Капитенот Хендерсон е повреден, а по подолго време Фабињо ќе може да се врати на природната позиција. Клоп веројатно ќе му даде шанса на Жота во стартните 11 пред Фирмино, како најистурен во нападот со Мане и Салах.

Реал Мадрид – Ливерпул

Реал: Куртоа, Начо, Варан, Менди, Васкес, Марсело, Каземиро, Модриќ, Крос, Асенсио и Бензема

Ливерпул: Алисон, Александер-Арнолд, Филипс, Кабак, Робертсон, Фабињо, Тијаго, Вајналдум, Мане, Салах и Жота.

Граѓаните се мотивирани првпат под палката на Пеп Гвардиола да изборат пласман во полуфиналето, на кое чекаат од сезоната 2015/16. Пречката за остварување на таа мисија се нарекува Борусија Дортмунд и опасниот Ерлинг Халанд.

Гвардиола на располагање ги има сите фудбалери и веројатно со најквалитетната постава ќе атакува на победа, но можно е мечот да го почне без класичен напаѓач, а Де Брујне повторно да биде во улога на лажна деветка.

Сити и Дортмунд паметат два меѓусебни дуели од сезоната 2012/13 во групната фаза, во кои Милионерите беа подобри со триумф од 1-0 и реми од 1-1.

Дортмунд за гостувањето во Манчестер го загуби Санчо, кој нема да игра против матичниот клуб, а недостасуваат и искусните Вицел и Шмелцер. Воедно Халанд ќе треба да биде претпазлив да не добие жолт картон бидејќи ќе добие суспензија за реваншот.

Манчестер сити – Борусија Дортмунд

Сити: Едерсон, Вокер, Стоунс, Дијаш, Кансело, Родри, Гундоган, Бернардо, Фоден, Стерлинг и Де Бројне.

Дортмунд: Хиц, Аканжи, Чан, Хумелс, Гереиро, Дилејни, Белингем, Дахуд, Азар, Ројс и Халанд.

 

- Оглас -

Најнови вести