Најдобрите тенисери и тенисерки поднесоа тужби против АТП, ВТА, ИТФ и ИТИА нарекувајќи ги „картел“

Здружението на професионални тенисери (ПTПA), чиј коосновач е српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, денеска во Њујорк поднесе антимонополска тужба против машката и женската тениска организација (АТП и ВTA), Меѓународната тениска федерација (ИТФ) и Агенцијата за интегритет во тенисот (ИТИА), нарекувајќи ги овие организации „картел“.

ПТПА наведе дека организациите кои управуваат со тенисот имаат „целосна контрола врз платите и работните услови на играчите“ и дека тие „ги прекршуваат државните и федералните закони“, користејќи го својот монопол за да им го ускратат на професионалните тенисери и другите учесници правото на фер натпреварување.

Здружението на професионални тенисери бара зголемување на заработката за играчите, тврдејќи дека управните тела кои ги контролираат најголемите турнири, вклучувајќи ги Вимблдон, Ролан Гарос, Отвореното првенство на САД и Отвореното првенство на Австралија „ја ограничуваат распределбата на приходите“.

Здружението на професионални тенисери го основаа Ѓоковиќ и Васек Пошпишил во август 2020 година.

Една од целите на ПТПА е да стане полноправен синдикат кој би преговарал за колективни договори, слично како што постои во тимските спортови.

„Во изминатите неколку години, ПТПА вложи безброј напори да соработува со водечките тениски организации со надеж дека ќе се постигнат позитивни промени за играчите. Сепак, и покрај сите напори, наидовме на отпор и недостаток на суштински акции. Предолго играчите беа приморани да прифатат расипан систем кој го игнорира нивниот просперитет“, напиша Пошпишил на социјалните мрежи.

ПТПА наведе дека се сретнале со повеќе од 250 тенисери и тенисерки, како и со поголемиот дел од најдобрите 20 на АТП и ВТА-листите пред да ја поднесат тужбата.

- Оглас -

Најнови вести