Англискиот четвртолигаш Форест Грин од малото место Нејлсворт стана првиот вегански фудбалски клуб на светот. Клубот доби дозвола за изградба на стадион од дрва. Еколошкиот стадион ќе има капацитет од 5.000 седишта, а ќе биде дел од комплекс кој во сите сегменти ќе биде еколошки. Се планира да има и „зелен паркинг“ и уште два помошни терени со најсовремена подлога.
Добивањето на дозволата не одеше лесно, но конечно градските власти дадоа зелено светло за реализација на овој проект. Чекањето траеше пет години, а барањето идеална локација за стадионот почнало пред осум години. Стадионот треба да биде готов за три години, можеби малку повеќе, бидејќи тоа е оптимистичката прогноза.
Форест Грин пред две години влезе во Лига 2, но во плејофот за влез во Лига 1 загуби од Транмер. Долгорочна цел им е пласман во Шампионат лигата.
МЕСОТО И РИБАТА ВЕЌЕ НЕ СЕ НА МЕНИТО, ТРЕВАТА ЈА КОСИ РОБОТ НА СОЛАРНА ЕНЕРГИЈА
Новиот сопственик на клубот бил шокиран кога видел дека играчите пред меч јадат месо, па го отпуштил готвачот. Сега месото и рибата веќе не се на менито, ниту навивачите не може да нарачаат таква храна. Така, Форест Грин е првиот вегански клуб на светот.
Што се однесува до еколошкиот дел, на кровот се ставени соларни панели, а тревата ја коси робот кој се напојува со соларна енергија. За помала потрошувачка на водата се рециклира дождовница.
Дресовите на тимовите од црно-бели се сменети со зелени, а 50 проценти од материјалот за дресовите е бамбус.