Направивме фудбалски „хет-трик“ со порази од 4:0, кошаркарски блесок на вечните ривали

Македонската фудбалска репрезентација нема да игра на Светското првенство летово откако со 4:0 загуби од Данска во Копенхаген. Поразот не е шокантен затоа што и според сите проценки, Македонија беше голем аутсајдер, но ние верувавме дека сонот за настап на Мундијалот може да стане јаве. За жал, Данска нѐ врати во реалноста.

Во Копенхаген бевме со нов селектор, Гоце Седлоски, кој на најтешкиот и најважниот можен меч се согласи да биде на клупата, што само покажува дека тоа е човек кој не се плаши од предизвиците. Сега останува да се одработи „небитниот“ меч во Даблин, а потоа да почне главниот предизвик за Седлоски, а тоа ќе биде да се состави тим за настапите во Б сегментот од Лигата на нациите, кои ќе се играат наесен.

Не треба да заборавиме дека во Б сегментот сите три противника (Шкотска, Швајцарија и Словенија) се подоброрангирани од Македонија, што значи предизвикот ќе биде многу поголем од тоа што досега беа настапите во Лигата на нациите во Ц и Д сегментите, каде што игравме со послаби или репрезентации кои се на ниво на Македонија. Повеќе од четири години Македонија нема победа над селекција која е во Топ 100.

АЛАРМАНТНО Е ТОА ШТО ИГРАТА НЕ ВЕТУВА НИШТО ПОДОБРО НА СИТЕ РЕПРЕЗЕНТАТИВНИ НИВОА

Со доаѓањето на Масар Омерагиќ за прв човек на ФФМ, се воведе ВАР-системот, се реновираа неколку терени, условите се подобрија, но сепак резултатите на националните селекции не се ветувачки. А, секако, на крајот обичниот навивач го интересира резултатот на Македонија и дали ќе се радува на триумф или нацијата ќе биде разочарана.
Токму затоа сите фудбалски работници треба да работат многу посилно, многу повеќе и можеби шансата за настап на големо натпреварување за брзо време пак ќе дојде.

Во овој период за репрезентациите, на мегдан, освен сениорите, со свои активности се и репрезентациите на Македонија во категориите У21, У19 и У17. Ако се погледнат резултатите од овој мартовски период, треба сериозно да се замислиме кога ќе може да очекуваме радост на национално ниво.

Не беше само сениорската селекција која загуби со 4:0. Младата репрезентација до 21 година со убедливи 4:0 беше поразена од Италија на 26 март во квалификациите за ЕП. Пораз од 4:0 имаше и за Македонија У19, и тоа завчера од врсниците од Холандија во квалификациски турнир. Не само што не дадоа гол, а примија по четири, овие три македонски селекции (сениори, У21, У19) не упатија ниту еден удар во рамките на противничкиот гол! Тоа само покажува дека овој проблем околу играта на македонските репрезентативни тимови е веќе во „црвено ниво“ на аларм.

Загуби и Македонија У17, но тоа е генерација која дава најмногу надеж. Двата порази во елитните квалификации беа со 2:1 од европските велесили Германија и Франција и нашите надежи беа конкурентни на двата натпревара.

Утре освен сениорите што ќе играат против Ирска во Даблин, на мегдан ќе бидат уште три национални тимови: Ерменија У21 – Македонија У21, Македонија У19 – Молдавија У19 и Македонија У17 – Словенија У17. Едноставно резултатите во сите категории мора да бидат подобри затоа што ако се знае дека трите последни порази на трите најквалитетни селекции (сениорската, У21 селекцијата и У19 националниот тим) се со по 4:0, многу лесно може Македонија да го „закачи“ додатокот на германскиот клуб Шалке, кој е 04.

Веруваме дека Македонија во сите годишни категории има многу поголем потенцијал од тие 4:0, што моментално се актуелни и дека со фокусирање на вистинската работа, создавање вистински позитивна атмосфера, во брзо време резултатите ќе бидат многу подобри. Едноставно тоа сите го посакуваме и затоа “Напред Македонија”, па зошто да не биде и победа утре во Даблин.

ВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ГО ВИДОВМЕ НАЈДОБРОТО ДЕРБИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ

Од кошарката, во фокус беше синоќешното дерби на вечните ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички. Аеродромци доминираат повеќе од една деценија, но овојпат Работнички одигра храбро и малку фалеше гостите да победат. Ова кошаркарско дерби беше најдобро во последните неколку години. Имаше околу 2.000 гледачи во „Јане Сандански“ и атмосфера на ниво.

Квалитетот на кошарката не беше на задоволително ниво, но затоа имаше неизвесност. По 40 минути беше нерешено, па се играа дополнителни пет минути по кои МЗТ покажа шампионски карактер и повторно го победи Работнички. Тимот од „Градски парк“ по овој пораз ќе игра во плејаутот за спас од испаѓање.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести