Флоријан Вирц и Жереми Фримпонг одработија целосен тренинг со екипата на Ливерпул и според сѐ, ќе му бидат на располагање на Арне Слот пред саботното домашно соочување со Вест Хем.
Холандскиот дефанзивец последната повреда ја заработи уште во воведните минути од натпреварот со Карабах на 28 јануари и оттогаш нема настап за шампионите на Англија, пропуштајќи четири последователни меча во Премиер лигата. Неговото отсуство, заедно со подолгата пауза на Конор Бредли и физичките проблеми на Џо Гоме, сериозно го ограничија изборот на Слот на десната бековска позиција. Поради тоа најчесто таму беше користен Доминик Собослаи.
Флоријан Вирц, кој беше во одлична форма, не настапи на дуелот против Нотингам форест (1:0) откако почувствува болка во грбот за време на загревањето. Иако првично беше во стартниот состав, стручниот штаб реши да не ризикува со негов настап.
Во меѓувреме, Александер Исак продолжува да напредува во рехабилитацијата и се очекува повторно да биде во комбинација кон крајот на март. Надвор од тимот до крајот на сезоната остануваат Бредли, Ватару Ендо и Џовани Леони.

