Настапи на три Мундијали, но на 37 години сака да игра и на четвртиот

Асамоа Гијан на 37 години изрази желба да се врати во репрезентацијата на Гана и да биде дел од тимот кој ќе настапува на Мундијалот во Катар. Гијан е рекордер на африканската селекција со најмногу настапи (105) и погодоци (51) во националниот дрес, па иако е без клуб моментално, посакува да добие место во составот.

Причината е јасна, Гијан сака повторно да се пресмета со Уругвај и да ги расчисти сметките бидејќи овие две репрезентации ќе ги одмерат силите во групната фаза, заедно уште со Португалија и Јужна Кореја.

Јужноамериканците на Мундијалот во Јужна Африка пред 12 години ја елиминираа Гана во првата нокаут-рунда по пенал-рулет со 4-2, а во тој контроверзен меч Луис Суарес со рака спречи сигурен гол на Ганците, додека Гијан промаши пенал во продолженијата.

„Уште кога видов што ни донесе ждрепката, дека ќе играме против Уругвај, веднаш се разбуди нешто во мене. Си реков ова е шанса за мене да ги расчистиме сметките, цела Гана сака да се одмазди за таа елиминација. Инаку, уште не сум пензиониран, барам клуб и секако дека желба ми е уште еднаш да заиграм за мојата земја на еден Мундијал. Тоа е сон на секој фудбалер. Што се однесува до мене, го имам потребниот квалитет да ѝ помогнам на Гана, само ми треба време физички да се подготвам“, истакна Гијан.

Точно два дена пред првиот дуел на Гана против Португалија на Мундијалот, закажан на 24 ноември, Гијан ќе наполни 37 години, но тоа не го спречува да сонува. Веќе памети три настапи на Светските првенства во 2006, 2010 и 2014 година. Гијан е поранешен играч на Удинезе, Рен, Сандерленд, а последниве две години ги помина во Индија и во родната земја.

- Оглас -

Најнови вести