Има многу замерки на судењето во полуфиналните дуели од Лигата на шампионите, се жалеа и во Атлетико Мадрид и во Баерн Минхен, но кој губи, има право да се лути, правилата велат дека никој не бил оштетен, а кога се грешеше, ВАР поправаше.
Синоќа најконтроверзниот момент се случи кога топката го удри во рака Жоао Невеш во својот 16-ник, по исфрлање на Витиња. Сите во Баерн бараа пенал, но судијата Жоао Пињеиро (сонародник на Невеш и Витиња) не покажа на белата точка. Тој му прости црвен картон на Нуно Мендеш, што исто така предизвика многу реакции.
Џејми Карагер рече дека раката на Жоао Невеш е испружена како да насочува сообраќај, дека било чисто играње со рака, чист пенал за Баерн и дека имало шокантни одлуки што скапо чинеле големи тимови во најлош можен момент.
„Таквите моменти ја одлучуваат судбината на еден клуб, знаете? Една судиска грешка и целата сезона, сонот за Лигата на шампионите, пропаѓа. На ова ниво, во полуфиналето на Лигата на шампионите, тоа е апсурдно. Не можете да правите такви грешки. Ова не е селска лига, ова е најголемата фаза во клупскиот фудбал. Неверојатно“, заклучи Карагер.
По играњето со рака на Невеш, ни од ВАР-собата немаше никаква интервенција.
Иако топката несомнено го погоди Невес во раката, според правилата на Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (IFAB), не се смета за прекршок ако раката на играчот е удрена од топката откако таа неочекувано е одбиена од неговиот соиграч.
Исклучок од ова правило важи само ако топката заврши во голот или ако играчот веднаш постигне гол, што не беше случај во оваа ситуација. Затоа, одлуката на судијата беше правилна според прописите. Но, тренерот на Баерн, Венсан Компани, укажуваше на големата дистанца, тврдејќи дека Невеш имал доволно време да ја тргне раката.


