НБА-ѕвезда ја покажа хуманоста на дело, купи куќа за загрозено семејство во БиХ

Јусуф Нуркиќ, ѕвездата на Портланд трејлблејзерс, ја покажа хуманоста на дело така што згрижи загрозено семејство во својата родна земја БиХ купувајќи им куќа. За тешката ситуација во која се наоѓа семејството Мемишевиќ, Нуркиќ дозна преку една босанска веб-страница која се занимава со хуманитарни цели, па реши да им овозможи нормални услови за живот, кои до неодамна ги немале.

„Нуркиќ веднаш нè контактираше откако ја виде тажната приказна за семејството Мемишевиќ, па им купи куќа! Мајката Јасмина пред десетина години остана без нога откако нагазила на мина, а секојдневно се грижи за својот 11-годишен син Адин, кој има проблеми со срцето. Таткото Един работи за дневници со цел да обезбеди барем средства за храна. Семејството живееше во куќа без вода, тоалет и речиси без мебел. Спиеја на подот. Нуркиќ инаку е член на нашата организација, а неговата скромност ја покажува така што помага во тајност. Одвреме-навреме успеваме да го убедиме да објавиме за некое негово хумано дело како ова, пред сè за да ја покренаме свеста и кај другите да се вклучат во движењето“, пишува во објавата на веб-страницата „Pomozi.ba“.

Босанско-херцеговскиот центар на Портланд заработува милиони, па не му е проблем да помага на ваков начин кога е во можност. Инаку, Владата на БиХ неодамна го награди Нуркиќ со дипломатски пасош за претставување на земјата во добро светло.

 

- Оглас -

Најнови вести