НБА-ѕвездите со помош на популарната видеоигра организираат хуманитарен турнир

Ситуацијата околу пандемијата со Коронавирусот уште е неизвесна во САД, како и во голем дел од Европа. Не се знае до кога ќе трае овој кризен период, па затоа не може да се донесе одлука околу продолжување или прекин на сезоната во НБА-лигата, која е суспендирана на привремен период.

Додека се чека решението, неколку НБА-ѕвезди одлучија да организираат виртуелен турнир од хуманитарен карактер кој ексклузивно ќе се пренесува на „ЕСПН“. Со помош на популарната видеоигра „NBA 2K20“, 16-мина кошаркари ќе ги претставуваат своите екипи во онлајн натпреварување кое ќе започне ноќта меѓу петок и сабота според наше време и ќе трае до 11 април. Првите две кола ќе се играат на еден добиен меч, а полуфиналето и финалето ќе се играат до три победи. Победникот на овој турнир по свој избор ќе одреди во која организација ќе завршат 100.000 долари.

Кевин Дурант од Бруклин нетс е најголемата ѕвезда меѓу натпреварувачите, а учествуваат уште Трејт Јанг (Атланта), Хасан Вајтсајд (Портланд), Донован Мичел (Јута), Девин Букер (Феникс), Андре Драмонд (Кливленд), Зек Лавин (Чикаго), Монтрез Харел (ЛА клиперс), Домантас Сабонис (Индијана), Деандре Ејтон (Феникс), Демаркус Казинс (без клуб), Мајкл Портер (Денвер), Руи Хачимура (Вашингтон), Патрик Беверли (ЛА клиперес), Харисон Барнс (Сакраменто) и Дерик Џоунс џуниор (Мајами).

Турнирот го отвораат Дурант и Џоунс џуниор.

- Оглас -

Најнови вести