Не може подраматично во НБА: Тројка за победа со звукот на сирената (Видео)

Лос Анџелес лејкерс поведе со 2:0 против Денвер нагетс во финалето на Западната конференција од НБА-плејофот. Во драматичен меч, Лејкерси победија со кош буквално во последната секунда за конечни 105:103.

Тимот од ЛА беше голем фаворит пред дуелот и одлично започна. Во првата четвртина поведе со 25:15 и во голем дел од втората и третата четвртина предноста беше двоцифрена за Лејкерси. Сепак, дека не случајно се дел од конференциското финале, Денвер покажа со играта во последната четвртина.

Предводени од Никола Јокиќ, Денвер за кратко поведе со 87:85, а потоа во финишот повторно стигна до водство 101:100 и 103:102. Последните 12 поени за Денвер ги даде Јокиќ, кој блескаше и на крајот заврши со 30 поени, шест скока, девет асистенции и четири украдени топки.

Сепак, Јокиќ и другарите на крајот со наведнати глави си заминаа, и тоа поради тројката која ја постигна Ентони Дејвис со звукот на сирената. Имаше уште 2,1 секунда до крајот, кога Дејвис се извлече на тројка и погоди преку раката на Јокиќ, за огромна радост и победа на Лејкерс од 105:103.

„Никако не сакавме да загубиме затоа што игравме во дресовите кои се во чест на Коби Брајант“, рече по мечот херојот Дејвис, кој заврши со 31 поен и 9 скока. Освен Дејвис, стандардно одличен беше и Леброн Џејмс со 26 поени и 11 скока.

 

- Оглас -

Најнови вести