Нејмар по победата над Манчестер: Сакам во следната сезона да играм со Меси!

Бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар по победата на Пари Сен Жермен против Манчестер јунајтед даде прилично изненадувачка изјава дека во следната сезона сака повторно да биде соиграч со Лионел Меси, со кого беа клупски колеги од 2013 до 2017 година.

Изгледа летото 2021 ќе биде интересно на трансфер-пазарот, а Нејмар, кој го имаше најскапиот трансфер во историјата кога за 222 милиони евра премина од Барса во ПСЖ, најави нова потенцијална „бомба“.

Тоа што Нејмар не кажа во кој тим би сакал да игра заедно со Меси, отвори простор за шпекулации. Изгледа доста работи ќе зависат од претседателските избори во Барселона. Ако победи некој кандидат по мерак на Меси, Аргентинецот би останал и понатаму во Каталонија, а можно е и камбек на Нејмар на „Камп ноу“ во дресот на Барселона. Има некои претседателски кандидати кои најавуваат дека ќе го вратат.

Но, некои мислат дека Нејмар со оваа изјава јавно го кани Меси во ПСЖ. Договорот на Меси со Барса истекува на крајот на сезонава и од 1 јули Меси е слободен да бира каде сака да игра. Висината на платата не би требало да биде проблем за богатите катарски газди на париските Светци.

Има и трета тешко веројатна опција, Нејмар и Меси да играат заедно во некој трет клуб, но таа варијанта во моментов делува како невозможна. Нејмар синоќа изјави и дека не дошол во ПСЖ за да игра во Лигата на Европа, туку да се бори за европската титула.

- Оглас -

Најнови вести