Некогашниот голем француски талент Јан М’Вила, кој моментално е дел од второлигашот Каен, реши да проговори за времето кога се борел со депресијата. М’Вила играше за Рен, Рубин Казањ, Интер, Сандерлед, Сент Етјен, Олимпијакос и ВБА, а од ова лето е во Каен.
„Не можам да кажам дека парите не носат среќа бидејќи придонесуваат за да ти ги олеснат работите. Во тоа време добивав 500.000 евра нето месечно. За два месеца имав милион, но седев депресивен во мојата соба. Иако ги имав овие пари на масата, не ми беа од никаква корист. Кога ќе те фати депресијата, тогаш е многу лошо. Имаше период кога не можев да влезам во авион. Вежбав јога и пиев таблети. Кога играв во Сент Етјен, клупскиот доктор ми даваше инјекции за спиење“, раскажува М’Вила за своето искуство.
Дефанзивниот играч за врска реши да потпише за Каен откако разговарал со Килијан Мбапе, кој стана еден од сопствениците на овој клуб.
„Килијан ми го кажа планот за проектот и што очекува од мене. Следниот ден се видов со неговата мајка и се договоривме, Многу добро се познаваме со Килијан. Знае дека сум играч од доверба, дека може да смета на мене и дека ќе го дадам најдоброто“, вели искусниот 34-годишен М’Вила, кој има и 22 настапи за француската репрезентација во периодот од 2010 до 2012 година.