Некогашниот голем талент повторно се врати на теренот по 983 дена пауза

Марко ван Гинкел своевремено беше еден од најголемите таленти во Европа и за него се веруваше дека ќе има блескава кариера. Во 2013 година потпиша за Челзи, но не се наигра. Во изминативе неколку години, Холанѓанецот претрпе неколку тешки повреди и повеќе беше во аут, отколку на теренот.

Во 2013 година ги скина вкрстените лигаментии, мораше да оди на операција и имаше долга пауза. Во 2016 година повторно му се случи истата повреда, но тогаш реши да не се оперира. Ван Гинкел ги користеше алтернативните методи за закрепнување и на почетокот тоа делуваше дека ќе биде успешно.

Сепак, во 2018 година, фудбалерот сепак мораше да оди на операција. По таа операција, заработи и инфекција и следуваа неколку други операции. Во април 2019 година започна да се лекува во Рим и тогаш му се врати надежта дека повторно ќе заигра фудбал.

Ван Гинкел речиси три години се мачеше со разни повреди, го немаше во составот, но синоќа таа голгота за него заврши. Точно по 983 денови пауза, 28-годишниот фудбалер се појави на теренот во дресот на ПСВ Ајндховен и ги одигра последните минути на дуелот против АЗ Алкмар.

 

- Оглас -

Најнови вести