Нема договор по состанокот на Хорхе Меси и Бартомеу, никој не попушта

Заврши состанокот на таткото на Лионел Меси со претседателот на Барселона. Медиумите во Шпанија известуваат дека не е постигнат никаков договор на 90-минутната средба и тоа не е никакво изненадување.

Хорхе Меси придружуван од брат му Родриго и еден адвокат бараа Барселона да му дозволи на Лео да стане слободен играч и да замине во друг клуб, но одговорот е дека нема да добие слобода ако не се плати отштетата од 700 милиони евра за раскинување на договорот кој важи до јуни. Како контра, Жозеп Марија Бартомеу понудил нов двегодишен договор за Меси.

Бартомеу рекол дека сметаат на Меси како лидер на проектот со тренерот Роналд Куман на клупата и не сака преговори за заминување на најголемата ѕвезда. Од друга страна, Меси е решен да си оди, затоа и не тренира со тимот деновиве.

По ова, се чини дека двете страни се закопани во ровови и не попуштаат, па можеби и судовите ќе треба да го решат спорот. Другата опција е повторно да има состанок и да се најде излез од лавиринтот во кој се влезени на десетина дена пред почетокот на шпанската лига.

- Оглас -

Најнови вести