Нема од што да се плашиме: Бахреин два пати завршувал претпоследен на СП

Македонската ракометна репрезентација во 14 часот игра против Бахреин, во второто коло од Светското првенство во Германија и Данска. Нашите ракометари стартуваа со победа над Јапонија (38:29), а и денеска ја имаат улогата на фаворити. Бахреин не е противник од кого треба да се плашиме, а тоа го покажува и статистиката.

За Бахреин ова е трето учество на Светските првенства. Дебитираа во 2011 година, кога во Шведска, на седум меча претрпеа пет порази, а два пати победија. Во групната фаза беа подобри од Египет (27:26), а потоа за избегнување на последното место на Мундијалот, ја победија Австралија со 33:23. Гол разликата им беше очајна со 166 дадени и дури 227 примени голови.

Пред две години во Франција беа уште послаби. Во седум меча претрпеа шест порази, а во мечот да не бидат последни на турнирот, славеа против Ангола. На крај повторно завршија на 23 место на турнирот, со гол разлика 172:213.

Сега, во Германија, во првото коло Бахреин загуби од Шпанија со 33:23. Македонија е голем фаворит на денешниот меч, но тоа треба да го покаже и на теренот против селекцијата која на двете учества на СП завршува на 23 место, од 24 селекции.

 

- Оглас -

Најнови вести