Нема подобри екипи од нив во Серија А во пост-корона ерата, головите треба да се гаранција

Вечерва се игра само еден меч од атрактивните лиги во Европа, но тоа ќе биде дерби. Милан на „Сан Сиро“ игра против Аталанта, во дуел на два клуба кои играат одлично. Откако по неколку месеци пауза се вратија фудбалските возбудувања во Серија А, овие два клуба се единствени кои немаат пораз.

Милан игра како препороден и во 10-те меча кои ги одигра во изминативе 40-тина дена има одличен биланс од седум победи и три нерешени, без ниту еден пораз. Со овие резултати, Росонерите стигнаа до место кое води излез во Лигата на Европа. Сега нов предизвик за Милан ќе биде дуелот против Аталанта. Во есенскиот дел, Аталанта во Бергамо го посрамоти противникот и славеше со 5:0. Миланскиот гигант сега сигурно ќе сака да се реваншира за тој тежок пораз.

Ако Милан е во низа од 10 меча без пораз, Аталанта е уште подобра во тој сегмент. Тимот од Бергамо нема загубено дури 17 натпревари во низа. Последен пат Аталанта дома загуби од СПАЛ со 1:2, а потоа нареди 14 победи и три нерешени.

И Милан и Аталанта имаат примено по 44 голови, но екипата од Бергамо е убедливо најефикасна и досега има 95 погодоци. Вечерва едноставно треба да очекуваме меч полн со возбудувања и погодоци.

 

- Оглас -

Најнови вести