Навивачите на Интер подготвуваат жежок дочек на „Џузепе Меаца“ в недела, кога Нераѕурите ќе играат во дербито на колото во Серија А против Рома, но постои можност мечот да биде прекинат од главниот судија.
Фановите на Интер го сметаат Лукаку за предавник бидејќи во летниот преоден рок преговараше со нивниот најголем ривал Јувентус, а потоа се согласи да оди на едногодишна позајмица во Рома, но не сакаше да остане во Милано.
Околу 30.000 свирчиња ќе им бидат поделени на навивачите на Интер со кои ќе го исвиркуваат секој допир со топката на Лукаку.
Но, италијанските медиуми пишуваат дека доколку биде прегласно на „Џузепе Меаца“ и не би можело да се слуша свирчето на главниот судија, постои можност натпреварот да се прекине.
Ваков перформанс навивачите на Интер приредија во 2007 година, и тоа на градската пресметка со Милан.
Во дресот на Милан тогаш настапи Бразилецот Роналдо, кој пак од 1997 до 2002 година го носеше дресот на Интер. Тој дури го постигна првиот гол на мечот и прослави така што ја стави раката на увото. Сепак, на крајот Интер славеше со 2:1, и тоа благодарение на головите на Круз и на Ибрахимовиќ.