Во пресрет на дуелот на Славен Белупо и Динамо Загреб од хрватската Суперлига, македонскиот напаѓач Илија Несторовски даде интервју за еден хрватски медиум во кое изјави дека хрватската лига сега е послаба отколку пред 10 години кога тој истотака играше таму и се истакна со ефикасност во дресот на Интер Запрешиќ.
„Инфраструктурата не е ништо подобра од тогаш, сè е исто освен стадионот во Осиек. Да бидам искрен, мислам дека лигата е малку полоша отколку пред 9-10 години, барем таков е мојот впечаток“, вели Несторовски.
Екипата од Копривница е во одлична форма и уште е непоразена во 2025 година, а Несторовски сезонава веќе даде еден гол против Модрите во чија одбрана е Стефан Ристовски.
„Веќе бев стрелец против Динамо, но не е важно кој ги постигнува головите, најважно е тимот да одигра добро како што тоа го правиме во последно време. Знаеме против кого играме, тие минатата сезона ги освоија првенството и Купот“, додаде популарниот Нестор.