Екипата на Ливерпул вечерва му гостува на Ајакс во претпоследното петто коло од групната фаза во Лигата на шампионите, а во центарот на вниманието на холандските медиуми и на целата јавност во таа земја ќе биде дефанзивецот на Црвените, Вирџил ван Дајк.
Дефанзивецот сезонава прикажува игри какви што посакуваат навивачите на Ливерпул, а тоа ги радува и Холанѓаните бидејќи очекуваат Ван Дајк да биде еден од лидерите на репрезентацијата на претстојното Светско првенство во Катар, а медиумите пред вечерашната пресметка потсетуваат на неговите почетоци од професионалната кариера, кога морал да потпише тестамент пред да оди на операција.
Кариерата на Ван Дајк започна во Гронинген, клуб во кој многу познати холандски фудбалери исто така ја започнаа својата кариера, но во тоа време фудбалерот имал сериозни здравствени проблеми, дури еден од тренерите сметал дека животот на Холанѓанецот е во опасност.
На Ван Дајк му се слошило по натпреварот со Екселзиор, но на првите лекарски прегледи не било откриено што се случува со него.
„Не знаевме што му е, Вирџил беше болен. Мислевме дека е само обична настинка иако неколку дена лежеше дома во болки. Потоа замина, но лекарите првично не можеа да откријат дали е некоја посериозна болест и го испратија дома. Болката од ден на ден се влошувала, а кога мајка му го посетила, сфатила каква е ситуацијата, го однела во друга болница и тоа му го спасило животот. Кога се врати во клубот, се шокирав, од високо и големо момче, тој беше доста ослабнат. За среќа, за брзо време се врати во форма“, открива поранешниот помошник тренер на Гронинген, Дик Лукиен.
Во болницата во која го однела мајка му, му била откриена вистинската дијагноза, имал воспаление на слепото црево, перитонитис и инфекција на бубрезите, по што Ван Дајк веднаш бил опериран и тоа му го спасило животот. Но, пред да замине на операција, морал да потпише тестамент.
„Во такви моменти, низ глава ви поминува најлошото сценарио. Животот ми беше во опасност, му се молевме на Бога, морав да потпишам и некои документи, некаков тестамент. Да умрев, дел од парите ќе ги добиеше мајка ми. Нормално, никој не сакаше да зборува за тоа, но моравме да го направиме тоа“, изјави Ван Дајк.
Ова се случувало точно пред десет години, а Ван Дајк само по два месеца успеал да се врати во првиот тим на Гронинген и да одигра одлична сезона. Потоа тој му бил понуден на Ајакс, но холандскиот тим направил грешка и го одбил фудбалерот, по што Ван Дајк завршува во Селтик, а потоа и во Премиер лигата, каде што стана најдобар дефанзивец на светот.