Неверојатно: Гвардиола и Мурињо на 100-тиот меч во Премиер лигата загубија од ист човек

Шпанскиот стручњак Рафаел Бенитес е човекот кој ги совлада Пеп Гвардиола и Жозе Мурињо на нивните јубилејни стоти натпревари како тренери во Премиер лигата. Ова е неверојатно поклопување, но судбината сакаше така.

На 20-ти јануари 2007 година, Бенитес со Ливерпул славеше 2-0 против Челзи, во меч кој за Португалецот Мурињо беше стоти во Премиер лигата. Синоќа, Бенитес на клупата на Њукасл му помогна на својот Ливерпул да се доближи до титулата, со тоа што неговиот сегашен тим со 2-1 успеа да победи во дуелот со Манчестер сити, чиј тренер е Гвардиола. За Гвардиола, ова беше меч број 100 во Англија и нема да го памети по убаво.

Со поразот синоќа, Гвардиола испушти шанса да го изедначи бројот на бодови кои ги освои Мурињо на своите први 100 натпревари во Англија. Мурињо собра 237, а Гвардиола 234 бода. Каталонецот со Сити има 73 победи, што е одличен скор, но сепак тоа е назадување за него во кариерата, ако се знае дека на првите 100 меча со Баерн имаше 80, а со Барселона 79 победи.

- Оглас -

Најнови вести