Неверојатно промашување и направен пенал на фудбалерот којшто играше против Ливерпул, а сака Ливерпул да биде првак во Англија

Кардиф вчера загуби од Ливерпул со 0-2 на свој терен и на тој начин остана во зоната за испаѓање во Премиер лигата. За разлика од Кардиф, Ливерпул со трите бода се врати на врвот на табелата и ја продолжи шампионската трка со Манчестер сити.

Според многумина, вистински трагичар на вчерашниот дуел беше капитенот на Кардиф, Шон Морисон. Тој не погоди неверојатна шанса во 64-тата минута, кога можеше да израмни на 1-1. По еден изведен корнер на домаќините, Морисон беше сам на неколку метри од голот на Ливерпул, но наместо да постигне погодок, тој на чуден начин ја удри топката и таа заврши во гол-аут. Пропуштената шанса на Морисон може да ја погледнете ТУКА.

Откако Кардиф не успеа да израмни, Ливерпул постигна и втор гол, и тоа од пенал. Милнер беше прецизен откако токму Морисон направи фаул врз Мохамед Салах. Во борба за топка, Морисон постојано го туркаше Салах со раце и на крајот гостинскиот играч падна и доби пенал, а Ливерпул ги осигури трите бода.

Овие два потези на Морисон во нападот и во дефанзивата стануваат сомнителни ако се знае дека сезонава тој јавно кажа дека би сакал Ливерпул да стане првак на Англија. Таа негова изјава беше дадена пред првиот меч на Ливерпул и Кардиф на „Енфилд роуд“.

„Тешко е да се каже кој ќе биде првак, но би сакал тоа да биде Ливерпул. Тоа би било одлично постигнување за клубот и за целиот град. Тоа е славен клуб со голема традиција зад него. Сепак, тешко ќе биде да се сопре Манчестер сити. Се надевам дека ќе има борба до крајот. Тоа ќе биде возбудливо за сите навивачи“, рече тогаш Морисон.

 

 

- Оглас -

Најнови вести