Само еден час по завршувањето на фудбалскиот натпревар Зрињски – Сараево од првенството на Босна и Херцеговина, во Мостар имало големо невреме кое предизвика сериозна материјална штета на стадионот на босанскиот шампион.
Според фотографиите и информациите од клубот, среќа е што за време на бурата немало повредени.
Екстремно силниот ветар ги оштетил клупите за резервни играчи, подвижниот тунел, семафорот и контролниот контејнер, еден од головите на главниот терен е искривен, додека клупите од помошниот терен завршија на паркингот на стадионот, на 150 метри оддалеченост.
Зрињски веднаш започна со проценка на штетата, а клубот ќе вложи максимални напори за да обезбеди услови за непречено играње на претстојните натпревари.
Со оглед на тоа што првиот домашен натпревар од Лигата на конференции е за помалку од три недели, клубот изразува надеж дека ќе ја има потребната поддршка од надлежните институции и стадионот да ги исполни сите технички и безбедносни стандарди пропишани од УЕФА што е можно поскоро.