Нема крај на победничката серија на Ливерпул. Гигантот од „Енфилд роуд“ немаше милост ниту во дуелот против Саутемптон, па на крајот домаќините славеа убедливо со 4:0. За Ливерпул ова беше 24-та победа во 25-тиот меч сезонава во Премиер лигата, доволно за поставување на нови рекорди во англискиот фудбал.
За Ливерпул ова беше 20-та победа по ред на „Енфилд роуд“ и стана само втор тим со ваков импресивен биланс. Претходно тоа му успеало исто така на Ливерпул и тоа на генерацијата од 1972 година, кога од јануари до декември тимот предводен од тренерот Били Шанкли беше непобедлив пред своите навивачи.
Со победата на Саутемптон, Ливерпул сега стигна до 22 бода предност во однос на второпласираниот Манчестер сити. Низ историјата на англискиот фудбал, никогаш досега не се случило лидерот да преноќи со толкава предност од 22 бода во однос на второпласираниот.
Едноставно тоа што го прави Ливерпул е неверојатно. Второпласираниот Манчестер сити утре ќе гостува на Тотенхем во дербито на ова коло во Премиер лигата.