Најдобриот кошаркар на Европското првенство – Б дивизија кое синоќа заврши во Скопје, е Никола Јаничиќ. Изборот го донесоа 22 селектори на селекциите кои беа дел собирот на јуниорскиот шампионат.
Капитенот ја предводеше Македонија до највисокото место на победничкиот пиедестал. Беше одличен и во финалниот натпревар во кој Македонија беше подобра од Австрија, и промовирана во шампион на Европското првенство за кошаркари до 18 години.
Реализираше 30 поени, од нив 21 во неполни 13 минути од почетокот на натпреварот. За 30 минути игра, додаде и пет скока, четири асистенции, исто толку освоени и три загубени топки, сето тоа за индекс 31.
Покрај најкорисниот играч на шампионатот, Никола Јаничиќ, во изборот на ФИБА се најде и името на Марко Луканоски.
Освен македонскиот тандем, во Топ 5 на Европското првенство во Скопје се најдоа уште и двајца репрезентативци на Австрија, Имран Суљановиќ и Фун Шот, а идеалната петорка се комплетира со Бугаринот Александар Гаваљугов.