Македонија се екипира за октомвриските квалификациски дуели со Лихтенштајн во Вадуз на осми и со Германија во Скопје три дена подоцна во битката за пласман на Светското првенство во Катар идната година.
Тихомир Костадинов како да смета колку бода ќе ни бидат доволни за настап на прво Светско првенство, а за голови се задолжени напаѓачите Јаховиќ, Миовски, Ѓорѓев…
Пристигна и Бобан Николов, главната „фаца“ по големата победа со Шериф Тираспољ против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ во Лигата на шампионите.
Тука се и искусните Кире Ристевски, Стефан Спировски, голманот Илиев, а се очекува пристигнување на сите останати репрезентативци на првиот тренинг закажан за денеска од 16.30 часот.
Ќе недостасува Енис Барди, кој нема да игра поради повреда, но Македонија има штоф за сигурна победа во Вадуз против Лихтенштајн, а потоа доаѓа мегадуелот со Германците.
Четирикратниот светски првак за првпат во историјата ќе ѝ биде гостин на Македонија и најавува реванш за сезнационалниот пораз во март годинава во Дуисбург, кога нашата репрезентација славеше со 2:1.