Николовски го откажа Гостивар, трипл-дабл на Караколев

Кирил Николовски 30 поени, од кои пет во клучниот период, беше човекот кој му донесе победа на Работнички во дерби дуелот со Гостивар. Скопските „бело-црвени“ победија со 89:78, но на шест минути до крајот гостите имаа плус од три поени разлика.

После тие 71-68 за Гостивар, Николовски даде седум поени, и го сврте резултатот, но жилавиот противник не се предаде, туку дојде на 79-78 на две и пол минути до крајот. Тогаш Николовски со пет и Караџовски со три поени, наперавија серија од 8-0, по која дефинитивно го скршија отпорот на гостиварци.

Николовски со 30 и Стајиќ со 20 поени беа најефикасни во победничкиот тим, двајцата дадоа по пет тројки од седум обиди. Кај Гостивар се истакнаа Фурстингер и Димчевски со по 17 поени, но хендикеп за нив беше неиграњето на ветеранот Тасовски.

Кожув беше подобар од Вардар со 91:82. Победникот беше одлучен во третата четвртина, која гевгеличани ја добија со 35-21. Никола Караколев со 15 поени и по 10 скока и асистенции, направи трипл-дабл, нешто што ретко се гледа на паркетите во Македонија.

- Оглас -

Најнови вести