Џејмс Харден и сезонава блеска во дресот на Хјустон рокитс. Минатата сезона ја доби наградата за најкорисен кошаркар во регуларниот дел, па сега го оправдува тој епитет, особено во изминативе неколку натпревари.
Последните шест натпревари ги заврши со учинок од 35 или повеќе поени и се најде во посебно друштво со Коби Брајант, Леброн Џејмс и Кармело Ентони, како единствените кошаркари кои успеале да остварат ваков учинок. Брадата ноќеска одново блескаше, во победата над Бостон селтикс (127:113) постигна 45 поени, реализирајќи девет тројки од 18 обиди.
Самиот Харден смета дека заслужува повторно да ја освои наградата.
„Можете да наброите уште неколку имиња кои заслужуваат да се најдат во потесниот избор за МВП наградата, но да зборуваме реално, пак ќе биде кај мене. Jас знам дека можам повторно да ја освојам. Заслужувам да бидам во таа конкуренција. Околу мене има многу омраза, но ништо не може да ме спречи да излезам на паркетот и да „убивам“ секоја вечер. Едноставно, јас сум таков“, истакна Харден.
Во освојувањето на МВП наградата за 2018 година му помогна и фактот што беше најдобар реализатор изминатиот шампионат. Харден одржуваше просек од 30,4 поени по натпревар, додека оваа сезона тој учинок е за неколку нијанси подобар. На вкупно 31 натпревар, Харден просечно постигнува по 32,7 поени, па јасно е зошто се смета дека е фаворит за освојување на престижната индивидуална награда во НБА-лигата.
И годинава конкуренцијата за наградата МВП е силна, тука се Леброн Џејмс, Кевин Дурант, Ентони Дејвис, Јанис Адетокумбо…