Нов рафал на Харден, Лилард и Богдановиќ решаваа со тројки во последните секунди (видео)

Хјустон рокитс го совлада тимот на Бостон селтикс со конечни 127:113. „Ракетите“ повторно беа предводени од расположениот Џејмс Харден, кој мечот го заврши со високи 45 поени и шест асистенции, а реализираше девет тројки од 18 обиди. Франшизата од Тексас ја запиша четвртата победа на последните пет средби и изби на местата кои водат во плејофот.

„Брадата“ игра неверојатно во изминатиов период, веќе шести натпревар во низа постигнува 35 или повеќе поени и практично сам го носи тимот на Хјустон до победите.

Шампионот Голден стејт нареди два последователни порази на домашен терен откако ноќеска по продолженија загуби од Портланд со минимални 110:109. Триумфот за домаќините го донесе Демиен Лилард реализирајќи тројка во последните секунди од средбата, за вкупно 20-та победа на Трејблејзерс.

Одлична партија одигра и босанскиот центар Јусуф Нуркиќ, кој беше најефикасен од редовите на Портланд со двоен учинок од 27 поени и 12 скока, а Лилард запиша 21 поен и пет асистенции. Кевин Дурант вторпат сезонава оствари трипл-дабл учинок, заврши со 26 поени, 10 скока и 11 асистенции, додека Кари застана на 29 поени, но сепак нивниот учинок не беше доволен да  се избегне ново разочарување.

Богдан Богдановиќ долго ќе ја памети победата над ЛА лејкерс со конечни 117.116. Српскиот шутер беше побрз од звукот на сирената во последниот напад, па преку Чендлер погоди тројка во последната секунда и ја донесе 19-тата победа за Сакраменто кингс.

„Езерџиите“ гостуваа без повредениот Леброн Џејмс, но и без него добро се снајдоа на теренот. Тројката на Богдановиќ значеше 23-ти поен на мечот и беше најефикасен играч на домаќините, додека најрасположен за Лејкерс беше Кузма со 33 поени.

Јанис Адетокумбо со 33 поени и 14 скока го предводеше Милвоки до 24-от триумф сезонава откако Бакси го совладаа Њујорк никс со 112:96.

Резултати НБА:

Хјустон рокитс – Бостон селтикс 127:113

Милвоки бакс – Њујорк никс 112:96

Сакраменто кингс – ЛА лејкерс 117:116

Голден стејт вориорс – Портланд трејблејзерс 109:110

Јута џез – Филаделфија севентитсиксерс 97:114

- Оглас -

Најнови вести