Маркус Рашфорд моментално настапува за Барселона како позајмен играч од Манчестер Јунајтед и има желба да остане во каталонскиот клуб, но според моменталните информации тоа тешко дека ќе се реализира.
Рашфорд пристигна минатото лето на едногодишна позајмица и во голема мера ги оправда очекувањата. Барселона има опција да го откупи неговиот договор за околу 30 милиони евра, но засега не изгледа дека ќе ја активира таа клаузула. Од „Олд Трафорд“ јасно порачуваат дека таа сума е конечна.
Каталонците би сакале да ја продолжат позајмицата или да ја намалат цената, но паралелно во трката се вклучи и Тотенхем, кој покажува сериозен интерес и веќе стапил во контакт со играчот.
Главната цел на Тотенхем е најпрво да обезбеди опстанок во Премиер лигата, а потоа да направи промени во тимот за следната сезона, при што Рашфорд е една од главните трансфер мети.
Иако негов приоритет останува Барселона, ставот на клубот дека средствата треба да се насочат кон други засилувања им отвора простор на конкурентите. Токму затоа Тотенхем прв реагираше и ја испитува ситуацијата.
Во досегашниот дел од сезоната, Рашфорд одигра 45 натпревари за Барселона, со учинок од 13 голови и 13 асистенции.

