Амбициозно тргна ФК Илинден сезонава и тоа носи резултати. По досега одиграните натпревари во општинската лига на ОФС Гази Баба, Илинден е на чело на табелата со 20 бода и биланс од шест победи и две нерешени средби.
Не е тајна дека клубот има високи цели, а главна задача оваа сезона е да се освои првото место во лигата и да се избори пласман за настап во повисок ранг во следната сезона.
Дека се работи за сериозен фудбалски проект, потврдува и денешното започнување со изградба на нова модерна трибина на стадионот на Илинден.

Општина Илинден започна со изградба на трибина која ќе има капацитет со 1.100 столчиња за седење, како и професионално осветлување по сите стандарди на УЕФА, што ќе овозможи одржување на вечерни и меѓународни натпревари.
Дополнително, во поттрибинскиот простор ќе се изградат нови, современи соблекувални и канцеларии кои ќе ги подигнат условите на клубот на повисоко професионално ниво.

Навивачите и симпатизерите на клубот, кои сѐ повеќе се враќаат на трибините, ќе добијат врвен комфор и подобро искуство при следење на натпреварите.
Пораката од ФК Илинден е кратка и јасна: „Чекор по чекор кон повисоки стандарди!“

