Нов потрес во Борусија Дортмунд: По тренерот, си замина и капитенот

Главната тема во Борусија Дортмунд по финалето од Лигата на шампионите беше кавгата помеѓу тренерот Един Терзиќ и капитенот Матс Хумелс. Искусниот фудбалер не се согласуваше со тактиката на тренерот, па отворено и јавно го критикуваше. Хумелс, кому месецов му завршува договорот, изјавуваше дека ќе го продолжи договорот само ако Терзиќ си замине.

Един Терзиќ си замина, но германските медиуми синоќа објавија дека си заминува и Матс Хумелс. Уште еден голем удар за Милионерите бидејќи освен без тренер, сега останаа и без капитен. Триесет и шестгодишниот фудбалер имаше понуди од Саудиска Арабија, но нема да има ништо од тој трансфер и според германските медиуми, тој ќе се пресели во италијанската Серија А.

Хумелс потекнува од академијата на Баерн Минхен, но најголем дел од својата кариера ја мина во Борусија Дортмунд. Од 2008 па до денес, само три сезони, во периодот од 2016 до 2019, беше во Баерн Минхен, останатиот период од 13 години го мина во Дортмунд.

- Оглас -

Најнови вести