Нова голгота на Шкупи – Ирците не ги пуштија да слетаат во Даблин, чаирчани прашуваат: Дали вака им правите на англиски, германски и италијански екипи?

Македонскиот првак Шкупи повторно доживеа голгота на патувањето за меч во европските купови, но овојпат не по своја вина.

Чаирчани имаа ангажиран чартер-лет до Даблин за првиот дуел со Шемрок во квалификациите за Лигата на Европа што ќе се игра вечерва од 21 часот, но не им беше дозволено да слетаат во главниот град на Република Ирска, туку биле пренасочени на место оддалечено 300 километри.

Од раководството на Шкупи бараат помош од Владата на Република Македонија да им овозможи по дипломатски пат да се вратат вечерва веднаш по мечот за Скопје, и тоа од Даблин.

„За жал, односот на Ирците беше многу некоректен и не принудија да слетаме 300 километри подалеку од Даблин, каде што ќе играме со Шемрок. Не веруваме дека вака можат да се однесуваат со германски, англиски, шпански или италијански екипи. Вакви измами не смеат да бидат неказнети. Побаравме од нашата Влада да се обиде по дипломатски пат да ни биде овозможено вечерва по мечот да летаме од Даблин за Скопје“, стои во дел од соопштението на Шкупи.

Со елиминација на Шемрок, Шкупи за првпат во историјата ќе има обезбеден настап во фаза по групи во еврокуповите и сигурно би играл во Конференциската лига на УЕФА, а со победа ќе има шанса во плејоф-двомеч да осигури и пласман во Лигата на Европа, што му е примарна цел сега.

Македонскиот првак имаше многу проблеми и на гостувањето во Гибралтар, кај Линколн Ред Импс во првото квалификациско коло за Лигата на шампионите, кога немаа обезбедено чартер-летови за дотаму и назад, па патуваа долго, а на враќање и спиеле во ресторан на Мекдоналдс, што беше вистински скандал.

 

- Оглас -

Најнови вести