Нова „бомба“ во НБА, Расел Вестбрук го напушти Хјустон и се сели на Истокот!

Хјустон рокетс и Вашингтон визардс направија размена на ѕвезди со која Расел Вестбрук се сели кај Волшебниците, а нов член на Ракетите стана Џон Вол. Тексашаните го добија и правото на Вашингтон за еден пик од првата рунда на идниот драфт.

Вестбрук само по една сезона си оди од Хјустон, а во новата средина, во главниот град на САД, ќе има многу поголема слобода во играта отколку кај Рокетс, каде што прва виолина е Џејмс Харден. Од друга страна, петкратниот ол-стар Вол, кој цела кариера е во Вашингтон, нема играно две години, проблемите со повредите го уништија, но Хјустон доби гаранции дека тој е здрав и подготвен за нивната авантура.

Во редовите на Хјустон, Вол, кој е поранешен прв пик на драфтот, повторно ќе игра заедно со неговиот колеџ-соиграч од Кентаки, Демаркус Казинс.

Вестбрук во минатата сезона имаше одличен просек од 27,2 поени и 7,9 скока по меч. Пред тоа 11 сезони настапуваше за Оклахома Сити тандер.

- Оглас -

Најнови вести