Позицијата на администрацијата на Доналд Трамп во врска со учеството на Иран на Светско првенство 2026 останува јасна – иранската репрезентација се очекува да настапи и натпреварите да се играат според планираното, вклучително и на територијата на САД.
По ескалацијата на тензиите меѓу САД, Израел и Иран, се појавија сомнежи дали Иран воопшто ќе учествува на турнирот, иако беше меѓу првите селекции што обезбедија пласман. Дополнителен проблем претставува фактот што нивните натпревари од групната фаза се закажани да се играат во американски градови.
Фудбалската федерација на Иран побара од ФИФА преместување на натпреварите во Мексико, но тоа барање беше одбиено.
„Нема да зборувам во име на играчите, но заедно со претседателот Трамп разговаравме со нивните претставници. Испративме нова покана иранскиот тим да пристигне во САД“, изјави Ендрју Џулијани, извршен директор на комисијата за Светското првенство 2026 при Белата куќа.
Тој додаде дека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, веќе потврдил дека иранската репрезентација ќе пристигне.
Според планот, Иран треба да го одржи подготвителниот камп во Тусон (Аризона) на почетокот на јуни, по што ќе ги игра своите натпревари во Лос Анџелес и Сиетл.

