Најдобриот тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ, официјално објави дека нема да учествува на завршниот турнир во Торино, а како причина наведе повреда и им се извини на организаторите и навивачите што нема да биде дел од спектаклот на којшто играат осумте најдобри тенисери на светот за оваа година.
Лани Ѓоковиќ беше победник на овој турнир, а оваа 2024 година ја заврши без ниту една АТП-титула, но го освои златото на Олимписките игри, што му беше и главна цел, покрај гранслемите.
„Голема чест ми е што се пласирав на завршниот турнир во Торино. Навистина сакав да бидам таму, но поради повредата што ја имам, нема да играм следната недела. Им се извинувам на сите кои планираа да ме видат. На сите тенисери им посакувам добар турнир. Се гледаме наскоро“, објави Ѓоковиќ на социјалните мрежи.
По неговото повлекување, јасно е дека во Торино ќе играат Јаник Синер, Александер Зверев, Карлос Алкарас, Данил Медведев, Тејлор Фриц, Каспер Руд, Алекс де Мињаур и Андреј Рубљов.