Новата неверојатна партија на Јокиќ не му помогна на Денвер, брејк на Мајами во Колорадо (Видео)

Кошаркарите на Мајами славеа со 111:108 во вториот меч од големото финале во НБА-лигата. Со триумфот, Жешките израмнија на 1-1 во победи и серијата продолжува во Мајами, а третиот натпревар се игра ноќта помеѓу среда и четврток.

На Денвер не му помогна неверојатната партија на Никола Јокиќ, кој постигна 41 поен и имаше 11 скокови бидејќи неговите соиграчи не беа расположени за игра како на првиот меч. Џамал Мареј постигна 18 поени и 10 асистенции, Арон Гордон даде 12 поени, а Брус Браун влегувајќи од клупата, даде само 11 поени.

Во редовите на Мајами, најдобар беше Гејб Винсент со 23 поени, а Џими Батлер и Бам Адебајо дадоа по 21 поен.

 

Трагичар на мечот беше Џамал Мареј, кој не го погоди шутот за три поени во последната секунда.

Тренерот на Мајами, Ерик Сполстра, во првата петорка го стави Кевин Лав на местото на Кејлеб Мартин и со тоа ја неутрализира предноста во висина на крилните позиции која Денвер ја користеше во првиот меч.

Шутот за три поени одлично ги служеше Жешките, па за помалку од седум минути игра имаа 11 поени предност. Но, кошаркарите на Денвер успеаја да направат пресврт и во еден момент дојдоа и до 15 поени предност, па кога изгледаше дека Денвер оди кон втора победа, Мајами се разбуди.

На почетокот од последната четвртина, во која влегоа со минус осум, на крилјата на Данкан Робинсон, Мајами направи нов пресврт, и тоа само за две минути игра и предноста успеаја да ја сочуваат до крајот на мечот, а згора на тоа го преживеаја шутот за продолженија на Мареј.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести