Новиот тренер на Барселона уште во првиот меч постави клупски рекорд!

Лионел Меси го спаси Кике Сетјен од разочарувачки старт на клупата на Барселона. Капитенот на каталонскиот гигант го даде единствениот гол во синоќешната победа над Гранада, а тоа беше доволно да се освојат трите бода и навивачите на „Камп ноу“ да се радуваат.

Ако се гледа уште од првиот меч, јасно е која е филозофијата на Сетјен и како ќе игра Барселона во следниот период. Многу додавања и максимална контрола на топката доведе до поставување на еден клупски рекорд на Барселона. На дуелот против Гранада, домашните фудбалери имаа неверојатни 1.005 додавања, што е најмногу на еден меч во историјата на каталонскиот гигант. Од тие 1.005 додавања, вкупно 921 додавања беа прецизни.

Пред Барселона е само Баерн Минхен, кој на дуелот против Херта Берлин под водство на Пеп Гвардиола пред шест години направи 1.033 додавања и тоа засега претставува апсолутен рекорд.

„Можевме и многу порано да постигнеме гол. Во првото полувреме имавме четири добри шанси, но милиметри одлучуваа. На крајот Меси го реши победникот. Мирни сте кога знаете дека во тимот го имате Меси. Видов многу добри работи во играта, но факт е дека има и работи кои треба да се сменат. Ќе работиме на тоа да стекнеме ментална сила и да ја држиме концентрацијата на ниво во текот на сите 90 минути“, рече Сетјен по мечот.

- Оглас -

Најнови вести