Новото засилување на Реал сè уште не размислува за Кралевите: „Сакам да играм со Меси на Мундијалот“

Ѕвездата на Комо, Нико Пас, сè почесто се поврзува со враќање во Реал Мадрид. Сепак, тој признава дека не размислува за тоа, туку е фокусиран само на Лигата на шампионите и на Светското првенство 2026.

Серија А влегува во завршната фаза од сезоната, а неговиот тим е многу блиску до остварување на сонот – пласман во Лигата на шампионите. Комо заостанува два бода зад четвртото место, на кое се наоѓа Јувентус, а има бод повеќе од Рома. Тимот на Сеск Фабрегас стигна и до полуфиналето на Купот на Италија и го очекува реваншот со Интер, откако првиот меч на домашен терен заврши 0:0.

Освен тоа, Пас, кој е роден во Шпанија, но избра да игра за Аргентина, сонува да биде соиграч со Меси на Светското првенство.

„Имаме одлична сезона. Искрено, не очекувавме да играме толку добро. Неверојатната работа што ја направивме дава резултати. Би било фантастично да ги оствариме двете цели – пласман во Лигата на шампионите и финале во Купот. Мора да дадеме максимум и ќе го направиме тоа“, изјави 21-годишниот Нико Пас.

Талентираниот играч има одлична сезона и многумина сметаат дека летово ќе се врати во Реал Мадрид, кој во 2024 година го продаде на Комо за шест милиони евра. Во договорот постои клаузула според која Кралевите можат да го вратат на „Сантијаго Бернабеу“ за девет милиони евра, иако „Трансфермаркт“ го проценува на околу 65 милиони.

„Тренерот Сеск Фабрегас е најважниот фактор за мојот развој. Тој има огромна доверба во нас, живее за фудбалот, работи напорно и ми дозволува да играм како што сакам. Тоа е клучно.

Сè уште е рано да размислувам за иднината. Сто проценти сум фокусиран на Комо. Сакам да го дадам максимумот за да ги оствариме целите. Потоа доаѓа Светското првенство. Од мал сум сонувал да играм таму. Би било неверојатно – работам секој ден за да стигнам до тоа ниво“, додаде Пас.

- Оглас -

Најнови вести