Арне Слот: „И да сакавме, немаше да можеме да напишеме вакво сценарио“

Менаџерот на Ливерпул изјави дека враќањето на Александер Исак во составот е добра вест бидејќи ќе го ублажи отсуството на најдобриот стрелец на тимот, Уго Екитике.

Дваесет и тригодишниот Екитике нема да игра во наредните месеци откако во вторникот, на натпреварот против ПСЖ во Лигата на шампионите, ја скина Ахиловата тетива.

Исак, за кого Ливерпул минатото лето му плати рекордни 125 милиони фунти на Њукасл, се врати на терените само пред една недела, по долгото закрепнување од скршеница на ногата. Швеѓанецот ќе треба да го понесе главниот товар во нападот, а првиот следен предизвик за Црвените е дербито од Мерсисајд против Евертон.

„Кога ги донесовме Исак и Екитике во текот на летото, постапивме паметно избирајќи двајца играчи кои можат да играат како класични напаѓачи. И да сакавме, немаше да можеме да напишеме вакво сценарио. Во моментот кога Исак се врати по четиримесечна пауза, Екитике доживеа тешка повреда. Тој сè уште не е опериран. Мислам на него бидејќи ќе пропушти многу посебни моменти додека закрепнува. Тој не е ни првиот ни последниот што се повредил и имаме многу примери на играчи кои се враќаат уште посилни. Се надевам дека за 10-15 години ќе можеме да кажеме дека оваа повреда го направила посилен“, изјави Слот.

Тој додаде дека покрај Исак, опции за врвот на нападот се и Федерико Кјеза и Коди Гакпо, кои ќе добијат шанса бидејќи Исак сè уште не е подготвен да игра цели 90 минути.

Шест кола пред крајот на сезоната во Премиер лигата, Ливерпул се наоѓа на петтото место со 52 бода, пет повеќе од осмопласираниот Евертон.

- Оглас -

Најнови вести