Шкендија најмалку до утре ќе биде лидер во Првата лига, откако убедливо славеше на гостувањето кај Тиквеш со 1-4. Тетовци сега имаат 67 бода, два повеќе од Вардар, но скопските „црвено-црни“ утре играат против отпишаниот Шкупи и очекувано е дека ќе победат и ќе се вратат на првата позиција.
Актуелниот шампион на Македонија многу полесно од очекуваното дојде до победата во Кавадарци, откако уште по првите 45 минути имаше убедливи 0-3.
Резултатот го отвори Мелиќи во 15-тата минута, а Бесарт ибраими со неговиот 227-ми гол во прволигашката конкуренција зголеми на 0-2 во 36-тата минута. До крајот на полувремето во листата со стрелци се запиша и Љатифи.
Второто полувреме започна одлично за Тиквеш, бидејќи младиот Стојчев во 49-тата минута погоди за 1-3, но радоста на кавадарчани траеше кратко, со оглед дека Вареловски во 54-тата минута си постигна автогол и ја врати предноста од три гола за Шкендија.
На крајот се покажа дека тоа ќе биде и конечниот резултат на мечот во Кавадарци.

